
Жестока расправа, Тевдовски го брани ребалансот, опозицијата бара оставка
Жестока расправа за ребалансот во Собранието, остри вербални рафали и довикувања од место, падна и барање за оставака на првиот финансиер. Ребалансот е минимално прилагодување на приходната и расходната страна, клучно во него е што 92 милиони евра од неискористените капитрални инвестиции ќе се пренаменат и тоа 50 милиони евра ќе одат кај општините, за тие да ги исплатат своите заостанати натрупани обврски кон стопанството и конечно да им заѓивее економската активност. Во одбрана на оваа корекција на државната каса министерот Тевдовски рече и дека пари ќе има и за пензискиот фонд – за редовна исплата на пензиите, но и за Фондот за здравство и Агенцијата за вработување. Сега им помагаме, но веќе нема да дозволиме општините да трупаат нови долгови, тоа ќе го направиме преку законски измени, рече министерот Тевдовски.
Клучни цели ќе ни бидат, дециден е министерот, економијата и натаму да расте, да се зголеми вработеноста, животниот стандард и социјалната правда, а земјава да се приближи кон НАТО и Европската унија.
Опозицијата едвај чекаше да истури силни критики врз економските политики на власта, рече дека таа ги направила најголемите економски промашувања. Со оваој ребаланс, кој е нереален, таа покажала дека е Влада за само едно прашање, а нема да и се оствари ниту намалената стапка на раст од 3,2 на 2,8 отсто, ниту намалените капитални инвестиции од 400 на 300 милиони евра. Му порачаа на министерот да си поднесе оставка.
Оваа Влада се задолжи за 930 милиони евра, а се раздолжи за 630 милиони, затоа постојано ве прашуваме, рече Кузмановска, каде се тие 300 милиони евра, но не ни одговарате. Министерот Тевдовски, пак, објасни дека нето задолжувањето е 369 милиони евра, но парите што годинава нема да се потрошат за покривање на буџсткиот дефицит, 69 милиони евра, ќе се префрлат на депозитната сметка за наредната година.
Критикуваа и дека Владата била нетранспарентна, дури денеска го поднела законот за финансирање на општините, а забележаа и зошто премиерот рекол дека ќе се земе кредит за општините, а тоа не се случи. Министерот им возврати, најголемите долгови се направени од претходните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
Со ребалансот, буџетските приходи и расходи се кратат за по 0,5 отсто и сега тој ќе тежи 3,42 милијарди евра. За него се поднесени вкупно 187 амандмани. 179 се на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, 6 се на ДУИ и два на СДСМ, од кои еден за да се обезбедат средства за Агенцијата ОТА.
Нина Нинеска-Фиданоска