Коричиќ: Немало петкратно убиство на мигранти во Македонија

Босанскиот полициски комесар Мујо Коричиќ ја повлече изјавата дека во БИХ бил уапсен мигрант осомничен за убиство на петмина мигранти на територија на Република Македонија. По реакција на македонското министерство за внатрешни работи и босанските безбедносни служби комесарот Коричиќ за локалните медиуми изјави дека наводите на 22 годишен мигрант од Авганистан не се вистинити.

Хамад Акрам бил уапсен на 28 август во Бихач каде ги дал изјавите за пресметка со група на мигранти на македонска територија и дека во истата петмина биле убиени. Подоцна му бил одреден и притвор. Сепак, босанското МВР не добило потврда од македонскиот интерпол за наводното тешко кривично дело. Инаку, и македонското МВР ги демантираше овие информации на босанскиот полициски командир на Унско-санскиот кантон.

„На територијата на Република Македонија, во ниту еден сектор на Министерството за внатрешни работи не е регистриран таков случај, а со самото тоа ниту имаме такво осомничено лице“, рекоа од полицијата.

Коричиќ изјавата за лажното сведочење за петкратно убиство во Македонија ја даде во дневникот на ТВ УСК во Бихаќ, па подоцна како бомба одекна во медиумите од регионот.

„Од слобода лишивме лице кое е осомничено за убиство на пет мигранти во Македонија. Преку наши врски и канали ја потврдивме оваа информација“, изјави Коричиќ.

Денес, се оправда дека изјавата ја дал затоа што неодамна стапил на функција и не бил целосно информиран.

Инаку, во изминатите пет години се случија повеќе убиства на мигранти во Грција, Србија, Бугарија и Унгарија при директни пресметки меѓу самите мигранти. Во Македонија убиство врз мигрант извршија разбојници од селото Табановце во 2013 година. МВР уапси три лица кои потоа беа осудени на 15 години затвор за убиство со умисла. Еден мигрант беше убиен и при обид да влезе на македонска територија на самата грчка граница. Ова се сите поголеми инциденти и убиства на мигранти во Македонија и регионот.

16 јули 2013 – Убиен еден мигрант и тројца ранети во Табановце 2013, тројца приведени за убиство со умисла и разбојништво.

11 јуни 2015 – Голема акција на МВР во селото Ваксинце каде се пронадени стотина мигранти, а десетина лица се приведени. Тие ги шверцувале мигрантите преку границата за високи суми на пари.

27 јули 2015 – Еден мигрант од Авганистан е убиен, а двајца се повредени во меѓусебен судир на мигранти во Бачки Виногради во близина на границата со Унгарија

25 јануари 2016 – Еден бегалец е убиен, а двајца други се повредени при тепачка меѓу мигранти на грчката страна од границата кон Македонија чекајќи влез во државата.

21 ноември 2016 – убиство на еден мигрант во парк во Белград, избоден со нож од група на мигранти, еден повреден. Српската полиција приведе пет лица.

23 јули 2018 – убиство на мигрант кој сакал да ја премине границата со Македонија. Грчката полиција уапси 8 лица.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ