
Голем кикс на македонските ракометари, Грција приреди сензација во Кожани
Ракометната репрезентација на Македонија доживеа пораз на гостувањето кај Грција од 28:26, во второто коло од групата три во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.
Голем кикс во Кожани на „црвено жолтите“ кои не успеаа да ги прокнижат очекуваните бодови против аутсајдерот во оваа конкуренција. Одново одиграа под своите можности како и пред три дена во Битола против Турција, но овојпат беа казнети со пораз од јужниот сосед.
Избраниците на селекторот Раул Гонзлес не одиграа на потребното ниво. Го отворија мечот со водство од 5:1 но на одмор заминаа само со еден гол позитива (13:12). И во продолжението домаќинот беше конкурентен и им задавеше проблеми на „црвено жолтите“. Во 43 минута беше 19:19 а со серијата од 3:0 направи пресврт за 23:22. По првото водство во второто полувреме Грција не ја испушти позитивата до самиот крај и направи сензација со триумфот од два гола.
Голманот Никола Митревски беше најдобар поединец кај Македонија со 13 одбрани, Кирил Лазаров беше прв стрелец со седум голови, Филип Талески мечот го заврши со шест, додека Дејан Манасков запиша четири погодоци.
Нашиот национален тим квалификациите ги продолжува на 10 април идната година, кога повторно ќе гостува овојпат кај Исланд, кој денеска ја оправда фаворитската улога во Анкара против домаќинот Турција кого го совлада 33:22.