
Неизсвесна е изградбата на регионалната депонија кај светиниколско Мечкуевци
Неизсвесна е изградбата на регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци. И покрај тоа што беше избрана пред две години и со европски пари се завршени сите студии и истражувања, околу влијанието врз животната средина, сега новата локална власт се пишмани околу локацијата и прелага две нови кај селото Богословец. Градоначалникот Сашо Велковски за Телма вели дека предлозите се доставени до Влада и Министерството за животна средина..
„На тој терен кај Мечкуевци има дополнителни инвестиции во правење на пет мостови, потребно е да се прави нова клучка, а сето тоа не е земено во предвид, кога е бирана локацијата. Депонијата треба да биде одалечена на 15 километри од Свети Николе и од Пробиштип, а патот на некои места е со три метри широчина, минува низ две села, на тој дел има многу земјоделско земјиште, кое се обработува“, Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе
Градоначалниците од истокот бараат проектот да продолжи и сметаат дека со овие нови барања може да се случи и повлекување на 36 милиони евра, кои ги дава Европската унија, за да продолжи проектот за набавка на возила, контејнери и изградба на депонијата. Според нив тоа ќе значи и дополнителни изгубени две години,а може да се случи и европските пари да се пренасочат кон друг регион.
Општините од истокот проектот за регионална депонија го почнаа пред девет години со финансиска помош од Европската унија, дополнително се приклучија Кумановскиот, односно Североисточниот регион и Свети Николе, која е од Вардарскиот регион. Во стратегијата за оценка на животната средина се вели дека локацијата кај Мечкуевци и нејзината поширока околина се слободни пасишта и не се користат за земјоделие, а нема населби во радиус од 2 километри. Одлуката на Владата и на министерството дали ќе остане локацијата Мечуевци или во предвид ќе се зема нова локација за изградба на депонија за двата региони се очекува за 30 дена.
Викторија Јованова