Заев најавува консензус и референдум за името

Додека дел од македонските и грчките медиуми шпекулираат дека медијаторот Нимиц доставил предлози кои пред зборот Македонија ги содржат придавките Северна, Горна, Нова, Вардарска или Скопје, македонската Влада одбива неформални коментари за да не се уништат шансите за договор. Премиерот Заев очекува да постигнеме национален консензус по што решението ќе биде ставено на референдум.

Ставот на нашиот претставник во преговорите Васко Наумовски, дека предлозите на Нимиц не нудат достоинствено решение, Заев го смета за личен став на амбасадорот. Потврди дека на 24-ти во Давос ќе има средба со грчкиот колега Ципрас.

Иако Владата говори за транспарентност, опозициската ВМРО ДПМНЕ и забележува дека не е така. Во интервју за весникот „Независен“, Христијан Мицкоски вели дека не ги знае деталите и дека не сака да коментира хипотетички ситуации.

„Нашиот став, поврзан со евентуалната промена на нашиот Устав со цел да се промени нашето уставно име, е јасен и непроменет. Ги охрабруваме владите на Македонија и на Грција да изнајдат достоинствено решение кое не би го нарушило македонскиот национален идентитет и конечно да се стави крај на ова прашање“, е ставот на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

А претседателот Ѓорге Иванов, при обраќањето пред дипломатскиот кор на традиционалниот новогодишен прием, побара внимателност во решавањето на спорот околу името.

Обединетата македонска дијаспора побара веднаш да прекинат разговорите со Грција, Владата да поднесе Резолуција до Обединетите нации за признавање под уставото име,  а медијаторот Нимиц да си поднесе оставка. Кај него гледаат конфликт на интереси бидејќи вработил секретарка со грчко потекло.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ