
Тодоров: Имате обврска да ме ислушате
Поранешниот министер за здравство и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, за кој на последната седница на Централен комитет беа дадени насоки да биде исклучен од партијата, упати порака до претседателот на Општинискиот комитет Карпош, со која бара да го повикаат на состанок за да може да ги предочи своите факти и докази.
Ако барем малку верувате во четирите свети букви. ВМРО е Демократска Партија за Македонско Национално Единство. Демократска! Ако е така, не само што јас имам право на тоа, туку вие имате обврска. Имате обврска да ме ислушате, да ми ги предочите вашите факти и докази, но и да ги слушнете мојте. Ова е темелно начело на правдата и еднаквоста и немате никакво право да ми го ускратите тоа. Затоа барам да ме повикате на состанокот на ОК, да ми ги презентирате фактите и доказите против мене, да ги слушнете мојте аргументи, и потоа да ја донесете одлуката, пишува Тодоров.
Тодоров вели дека ова правило постоело и се применувало и во комунизмот, освен во случаи кога станувало збор за „политички ликвидации и политички монтирани случаи“.
Лошо и недозволиво е што и денес, во слободна, суверена, самостојна и демократска Македонија треба да се бориме против истото. Но не е тешко, ништо не е тешко кога се бориш за татковината, ќе се изборам, продолжува Тодоров.
Вели барањето го упатува јавно затоа што се уште верува во „демократските принципи на кои се темели мојата партија“.