
Ќе има ли прегрупирања во Собранието?
Реорганизација на пратеничките редови. Новата пратеничка група ќе брои најмалку осум члена кои ќе заземат други места во опозициската редица. Оваа група пратеници, што коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја екскомуницираше уште истиот ден кога стана јасно дека ќе гласа за уставни измени, од денеска е во интензивни разговори за поинаков начин на функционирање. Независни или во нова пратеничка група – ќе одлучат до крајот на неделата.
Нема да останеме во пратеничката група со ВМРО-ДПМНЕ и нема да се приклучиме на друга пратеничка група. Дали ќе дејствуваме како независни пратеници или во посебна група, ќе одлучиме откако ќе се договориме меѓу себе, вели Нола Исмајлоска – Старова.
Љубен Арнаудов се залага да се формира нова пратеничка група, но и таа да биде група на ВМРО-ДПМНЕ.
Сакаме ова да биде пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како што опозициската коалиција лани имаше 10 пратенички групи, сега треба да се овозможи да има уште една. Јас немам намера да си одам од ВМРО-ДПМНЕ, одлуката на раководството да ме исклучи е избрзана, вели Арнаудов.
Минатата година, ВМРО-ДПМНЕ реши да функционира во 10 пратенички групи, а на четвртата координатор беше Владанка Авировиќ. Иако не е исклучена од Социјалистичката партија, се чувствува непожелно во пратеничката група која сега е единствена, па ќе се придружи на новата групација. За Зеќир Рамчиловиќ, најважно е да останат доследни на процесот.
Остануваме заедно. Остануваме вклучени во процесот. Се надевам дека ќе се вклучат и други пратеници. Целта е да стигнеме до суштинско национално помирување, вели Рамчиловиќ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која стартуваше со 51 пратеник, сега останува со 39, откако и Панчо Минов реши да се дистанцира. Со формирање на посебна опозициска група, за која се потребни најмалку петмина, треба да дојде до нова распределба на членови на комисиите и до нивна вклученост во координативните состаноци кај спикерот Џафери.
Соња Николовска