Мицкоски до исклучените сопартијци: Ме изневеривте и мене и татковината, ама ќе ве поразиме

Ни се случи Црниот Петок. Бевме сведоци на предавство на нашата татковина, предавство во кое за жал, за голема жал, учествуваа и наши доскорешни сестри и браќа!

„Тивко е на Ножот“, прочитав еден фејбук статус таа вечер, очигледно со алузија на историската епопеја и паралелата со денешните настани. Тивко и пеколно болно беше во моето срце таа вечер. Тивко и мачно беше во нашиот штаб. Тивко, мачно, болно, гневно, очајно беше во македонските домови, во македонските градови и во македонските села.

Сакам денес овде со вас, пред вас и пред целата македонска јавност, директно да се обратам до оние кои паднаа, кои не останаа на висината на задачата, кои дезертираа, кои не издржаа.

Знаете ли што покрај предавството кое го направивте кон татковината која ве одгледала силно не заболе таа вечер?!

Кога гледав како еден по еден кревавте рака за предлогот на Заев, со секое кревање рака нас срцето ни се кинеше. Пеколна болка е тоа.

Направивте неприроден, недостоинствен, неавтентичен потег со тоа дигање на раката и така ја урнавте вашата кичма.

Затоа и веќе колку и да се трудите нема да можете да чекорите простум! Дека нема да можете да погледнете на народот во очи!

Ги скршивте нивните срца, ги повредивте нашите срца! Ги повредивте нивните души!

Ме изневеривте! Ја изневеривте ВМРО-ДПМНЕ! А, најважно од се ја изневеривте вашата татковина Република Македонија!

Ја изневеривте Македонија која ви ги даде сите животни удобства! Го изневеривте секој член кој макотрпно работел за вие да стекнете слава и успех. Го повредивте Македонецот.

Зарем не ви е непријатно да Ве бранат оние кои до вчера ве напаѓаа?

Зарем е чесно да имате исти говори, исти зборови, напади како оние на СДСМ, на Бихачка ли Ви ги пишуваат говорите?

Зарем не ви е срам дури и да прославувате во вечерта кога Македонија и Македонецот плачеше, крвареше!

Како чекорите кога Ве чуваат оние кои до вчера Ве апсеа неосновано и нечовечки ве малтретираа?

Цел живот ќе ме мачи ова прашање – зошто не издржавте?

А, малку фалеше. Само малку фалеше да издржите!

Да одговоревте на задачата, да не ја свиткате кичмата, Заев беше готов!

Вие само за малку му ја продолживте политичката кариера на Заев на сметка на Македонија. Влеговте во неговиот ол ин план, со кој срамно тргува со илјадници македонски души.

А, да издржевте ќе одевме на избори! И ќе го победевме злото! Ќе го победевме Зоран Заев и групата околу него!

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ