
ЦЕА: Владата толерира неодговорно работење на општините
Покривањето на половина од долговите на општините од страна на централната власт претставува само парцијално решение на проблемот бидејќи системот на контрола не функционира. Наспроти тврдењето на власта дека ова значи поддршка и поттик за општините, Марјан Николов од Централот за економски анализи смета дека на ваков начин се толерира неказнивост за градоначалниците кои работеле неодговорно. Сугерира на одговорност да се повикаат првите луѓе на должните општини, а во тоа да се вклучат и Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство.
„Покривање на т.н долгови на неодговорни градоначалници, а без никакво повикување на нивна одговорност е класичен морален хазард. Ова не е прв пат да бидат откупени хировите на градоначалниците и нивните патрони од централната власт. Оваа мерка без одговорност на градоначалниците, а заедно со недостаток на одговорност и казнивост на високата корупција и со ова тивко пардонирање на актерите од бомбите никако не е рефлексија на политичкиот естаблишмент кој ја води државата кон ЕУ вредностите“, кажа Марјан Николов од ЦЕА.
За покривање на доспеани стари долгови владата на општините им одобри 48,8 милиони евра неповратни средства, а со законски измени тие ќе добијат ограничувања при креирање на буџетите за следната година. Општините рече министерот Тевдовски досега креирале нереални буџети но сега ќе мора да се научат домаќински да работат бидејки преостанатиот долг ќе мора сами да си го сервисираат. Заклучно со 30 септември електронскиот систем на Министерството за финансии бележи дека вкупниот долг на општините е 97,5 милиони а најголем долг има општина Охрид.
Од таму велат дека парите на граѓаните се трошат наменски и дека со парите од владата ќе се намали времето за завршување на сите започнати проекти.
„Општина Охрид не може сама да го елиминира нивото на задолженост поради континуираниот зголемен долг и нови каматни. Општина Охрид не може сама да се задолжи на финансискиот пазар поради тоа што нема кредитор кој би финансирал вакви биланси. Затоа е потребна интервенција од државата која би се јавила како гарант за ваквото задолжување“, соопштија Општина Охрид.
Единствени општини кои до септемрви не пријавиле доспеани долгови се Дојран и Кратово. Вкупните долгови на јавниот сектор достигаат 307 мил. евра. Најголем должник мегу 1269 буџетски корисници е МЖ Транспорт со доспеан и неплатен долг од 45,6 мил евра, потоа Ургентниот центар, МРТ, и МЖ Инфраструктура.
Виолета З Стојановска