Владата в понеделник ќе го разгледува предлогот од Нимиц – изјавата на Наумовски недипломатска

Вицепремиерот Бујар Османи денеска искажувајќи посветеност и одлучност на Владата за решавање на спорот за името, не сакаше да дава коментари за последниот предлог од посредникот Метју Нимиц, најавувајќи дека предлогот ќе се најде пред владата в понеделник, по што ќе биде изграден став.

„Добро е што има предлог и се интензивира целиот процес и што има меѓусебни  директни контакти помеѓу владите на различни нивоа. Тоа е единствен предуслов да стигнеме до ситуација да изнајдеме решение“, изјави Османи.

Коментар за новиот пакет не даде ни самиот преговарач, чиј единстве коментар беше дека идеи како целина се нови затоа што имаме нова комбинација на идеи, изразувајќи оптимизам дека е можно решение.

„На ова гледам како на добар сет на идеи со пакет на компромис со кој двете страни би требало да се чувствуваат комфорно со заеднички прифатливо решение“, истакна медијаторот Нимиц.

За разлика од нив со свој став за новиот предлог за решение се огласи македонскиот преговарач во процесот Васко Наумовски, кој веднаш по средбата со Нимиц синоќа изјави дека предлогот не е достоинствен. Наумовски надвор од своите ингеренции како специјален преговарач во име на државата го коментираше предлогот велејќи дека името на нашата држава е Република Македонија, што е и во основата на нашиот идентитет – македонсиот народ и јазик, и оти некои од идеите кои биле презентирани од Нимиц излегуваат таа рамка и се далеку од достоинствено решение.

За изјавата на Наумовски, од МНР за Телма велат дека според дипломатската пракса идеите на медијаторот не се коментираат.

„Учеството во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Република Македонија и Грција бара висок сртепен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворање на врати кон европската и евроатланската иднина на земјата бара трепение и посветеност. Согласно дипломатските правила, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв. До овој момент, во МНР на Македонија се уште немаме добиено целосен извештај од вчерашната средба во Њујорк“, се наведува во писмената рекација од МНР.

Политикологот Петар Арсовски за изјавата на Наумовски рече дека е непростлива.

„Јас сум згрозен од постапката на нашиот преговарач во моментов. Не е пракса да се коментираат предлозите додека тие не станат конечни и тоа би требало да биде забрането за него. Немам како да го толкувам овој потег освен како дилентатизам, аматерски, или пак како намерна саботажа на процесот. Двете се непростливи и мислам дека треба да се почека официјален став од МНР што планираат да направат по тоа прашање. Треба да знае Васко Наумовски дека веќе не ги застапува сопствените интереси или интересите на својата партија, туку интересите на државата во овој процес. И тој приватно може да мисли што сака, но забранњето е да се даваат вакви квалификации во ваква деликатна фаза од процесот, бидејќи реално им наштетува на граѓаните, кои релано сакаат да велзат во ЕУ и во НАТО за подобар живо“, смета Арсовски.

Сепак Арсовски смета дека Наумовски не може да го попречи процесот, бидејќи тој нема ни капацитет ни кредибилитет за тоа, но може да му наштети на имиџот на државата дека нема политичка координација внатре.

Наумовски како амбасадор и специјален преговарач за името од страна Македонија, според Уставот, на предлог на Владата го именува претседателот на државата и одтаму, ингеренцијата за неговото отповикување е во рацете на претседателот Иванов.

За вчерашната рунда разговори во Њујорк од Владата беше испратено соопштение дека во ОН се создаваат услови за придвижување на процесот, а оти исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни.

Од грчката влада по новата рунда преговори беше испратена порака дека таа сака решение во кое сите ќе бидат победници. Според портпаролот на грчќката влада, Димитрис Ѕанакопулос, владата во Атина ќе направи се што може да се реши прашањето со името без да ги стави во опасност националните интереси.

Инаку Нимиц откако им ги презентираше новите предлози на двете страни посреднои најави дека следната рунда преговори може да се одвива на повисоко ниво, на ниво на делегации предводени од министрите за надворшени работи.

Нимиц најави посета на Скопје и Атина во наредните неколку недели.

„Да видам како размислуваат луѓето и дали може да се придвижиме напред. Но тоа зависи од министрите на двете земји“, изјави Нимиц.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ