
Гонзалес: Со Турција и Грција треба да играме како со најсилните
Македонската ракометна репрезентација го имаше првиот собир пред двата меча од квалификациите за Европското првенство во 2020 та година. Освен Филип Талески, кој доцнеше поради клупските обврски, селекторот Раул Гонзалес ги пречека сите преостанатите 19 играчи на кои ќе смета во овој циклус. Нашиот национален тим е фаворит на средбите против Турција и Грција но според шпанскиот стратег тоа треба да го потврди и на теренот.
„Знаеме дека ние сме фаворити. Но, не треба да се залетуваме. Мора да се фокусираме добро на натпреварите. Треба да играме исто како и секогаш. Среќен сум што сум тука пак. Мора да се спремаме за Турција и Грција и да играме како против најсилните. Не смее да мислиме дека сме фаворити и дека победата ќе дојде. Сите сакаме да победиме лесно, но јас очекувам тежок натпревар. Мора да бидеме силни, играме на домашен терен, во Битола, каде луѓето го сакаат ракометот“, изјави селекторот Раул Гонзалес.
Помладите репрезентативци треба да добијат поголема минутажа и да ја искористат шансата, како што истакна капитенот Кирил Лазаров, за да преземат поголема одговорност.
„Во спортот никогаш не се знае, но за овие два меча може слободно да се прогласиме за фаворити за пласман на ЕП. Следните два меча мораме да влеземе со максимален пристап за да може да сметаме на максимални бодови. На овие два меча и помладите ракометари треба да преземат поголема одговорност, да ја подигнат својата самодоверба и да се наметнат кај селекторот. Не очекува одлична атмосфера во Битола, познавајќи ја публиката таму. Треба да ги искористиме овие дуели за она што не очекува подоцна“, потенцираше капитенот Лазаров.
Нашиот национален тим во Скопје ќе се подготвува два дена пред да замине во Битола каде в среда ќе го одработи единствениот тренинг во пресрет на првиот меч против Турција закажан в четврток кога во салата „Боро Чурлески“ ќе биде означен почеток на квалификациите.
Вториот меч нашиот национален тим ќе го одигра на гостински терен кај Грција во недела на 28 октомври.
Ракометната Федерација на Македонија од денеска ги пушти во продажба билетите за натпреварот меѓу Македонија и Турција, по цена од 150 денари.