
Oд зелената нафта ни трага, можно поскапување на земјоделските производи
Ценатра на дизелот драматично расте, а земјоделците никако да ја добијат зелената нафта. Владата им ја вети на стартот на годинава кога ја зголеми акцизаата, а и по пет месеци откако Собранието требаше да даде зелено светло, а ваучерите да им бидат поделени на земјоделците, од поевтиниот енергенс уште нема ни трага ни глас. Од Здружението за земјоделство велат дека со Министерството за земјоделство се во постојан контакт, но од заедничките работни групи нема ништо ново. За мерката нема пари ни во Ребалансот на Буџетот. Ако цените на дизелот продолжат да одат нагоре, има опасност да поскапат земјоделските производи.
„Тоа е политика на компаниите, дали тие ќе го следат поскапувањето на горивото – со цената, или, пак, со цел да ја задржат конкурентноста, ќе останат на исто ниво, но со намалена заработувачка. Но, секако дека ќе има импликации, значи ако растат енергенсите, сакале инли не, веројатно ќе мораат и тие да ги подигнат цените. Но, ќе повторам, тоа е политика на компаниите, многу пати се случувало да останат и на исто ниво, само за да ја задржат конкурентноста“, вели Васко Ристовски, Здружение за земјоделство и прехранбена индустрија.
Поплаки од земјоделците постојано стигаат во Здружението, бидејќи зелената нафта барем малку може да им ги намали трошоците и да го направи нивното производство поконкурентно. Владата нема слух ни за предлогот термалните води да се користат за оранжериите.
„Минатата недела имавме повторно средба со дел од претставниците од оранжериското производство кои користат термални води, меѓутоа засега немаме некој поголем успех, очигледно дека нема слух и во таа насока, иако сметам дека тоа би било решение за поголемите производители на зеленчук, пластеничко – градинарско производство, но засега, се останува само на ветувања“, вели Ристовски.
Според земјоделците, цената на дизелот толку се зголеми во последниов период, што дури и со поевтинувањето со зелената нафта, таа ќе дојде до нивото од пред година и половина. Апелираат пред почетокопт на есенската сеидба, мерки да се преземат што побргу.
Од Министерството за земјоделство велат дека законските измени за зелената нафта се веќе донесени, а парите се предвидени во буџетот на платежната агенција, така што мерката очекуваат да почне да се применува до крајот на годинава. Во моментов се тестира модел кој ќе се применува на долг рок, со цел да се оди преку еден вид на ваучери и да нема директно префрлање на пари на сметките на земјоделците.
Нина Нинеска-Фиданоска