ФОТО: Нови униформи за полициските специјалци Тигри, конкурс за нови припадници на Единицата за специјални задачи

-Денеска овде во касарната Илинден припадниците на Единицата за специјални задачи добија нови униформи и делови што припаѓаат покрај униформата за извршување на посебни и специјални задачи. Набавени се 200 комплети униформи за специјална полиција за урбана средина и 200 комплети униформи за специјална полиција за рурална средина, во склоп на нашите активности за овозможување на соодветни услови за работа на припадниците на МВР, рече министерот Оливер Спасовски во изјавата за медиумите по промоцијата на новонабавените униформи за припадниците на ЕСЗ.

Министерот Спасовски потенцира дека секојдневните ангажмани на актуелното раководство на МВР јасно ја докажуваат цврстата решеност полицијата да се трансформира во кредибилна институција, во реален сервис на граѓаните, во достоинствена и репсектирана професија.

-Опременоста на полициските службеници, нешто што сосема беше занемарено цела деценија наназад, не може и не смее да се игнорира. Тоа е прашање од круцијално значење, изјави Спасовски.

На прашањето колку Албанци ќе ја носат оваа униформа Спасовски рече дека оваа униформа не се носи врз основа на национална или верска припадност.

-Оваа униформа се носи врз основа на подготвеност. Ние во моментов имаме еден интерен оглас, се спроведува дрил тестот којшто е исклучиво единствен меродавен за влез во оваа единица и сите припадници на МВР коишто ќе ја поминат таа обука ќе имаат шанса да ја носат оваа униформа. Оваа униформа е привилегија заради тоа што се работи за најелитната единица и најподготвената единица МВР и гордост на безбедноста на РМ и тука апсолутно не станува збор дека ќе влезе еден или друг врз основа на која било припадност, туку врз основа на подготвеност заради тоа што овде нема импровизација. Овде треба да бидеме подготвени и во секој момент треба оваа единица да одговори на најголемите предизвици со коишто се соочува, одговори министерот Спасовски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ