Пратениците се чуваат 24 часа од полиција

Министерството за внатрешни работи гарантира дека осуммината пратеници кои гласаа за потребата од уставни измени, се безбедни во своите домови. Нив ги чува полиција во три смени. Се обезбедуваат сите 120 пратеници, но според проценките на МВР, повеќе полицајци се задолжени за осуммината.

Се преземаат соодветни мерки за гарантирање на безбедноста. МВР ја гарантира безбедноста на сите граѓани и секако на пратениците.

Заканите кон нив не доаѓаат однадвор. До сега никој не им за заканил лично, велат од МВР. Тие се соочуваат со говор на омраза, закани во пишани пораки на социјалните мрежи и јавно достапни коментари. Такви натписи можат да се прочитаат кај поединци и групи, кадешто меѓу другите навреди и закани се вели дека полицијата не може да ги чува засекогаш пратениците.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика уште синоќа изготви кривична пријава кон едно лице за закани и ширење омраза. МВР најави нови десетина кривични пријави во наредните денови, бидејќи доказите сеуште се собираат.

Синоќа, пак, на две полни страници писмо испратија и како што велат дел од обвинетите лица во процесот за 27-ми април. Напишаа дека повеќето се членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ и се надеваат дека нема да бидат исклучени од партијата. Побараа да престанат заканите до пратениците кои се дел од процесот 27-ми, а гласале, бидејќи и тие се патриоти. Бараат да не се гласа за уставни измени доколку не се прифатат четирите услови на осумиината опозициски пратеници. Понатаму во писмото велат дека амнестија за процесот им ветувал и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Неколку пати во писмото се споменува национално помирување, формуалција којашто за прв пат во парламентот на собраниска расправа ја понуди премеирот Зоран Заев. Но, по таа негова изјава обвинетите за 27-ми април реагираа дека не прифаќаат помирување или амнестија, туку докажување на правдата. По синоќешниот проглас, никој од обвинетие на своите лични профили на социјалнтие мрежи не го коменитираше прогласот. Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат во автентичноста на писмото и бараат одговри кои го изготвил и за заради која цел.

Одново прашани претставниците на власта велат дека гласовите во Собранието од обвинети за 27-ми април не можат да се толкуваат како аменстија. Одговорите треба да ги дадат правосудните органи, посочи вицепремиерката Радмила Шеќеринска.

Би ве замолила и сега да не бараме политичка порака во тоа. Процесот на замена на притворите и куќните притвори траеше подолго време. Вие бевте свесни за тоа како новинари и ние како граѓани. Едното со другото не беа поврзани. Судиите и обвинителствата се вистинската адреса да се поставуваат прашања и да се добијат конкретни одговори. Во ниеден момент за ниту една политичка причина ние не сакавме да користиме инструменти на притисок ниту во Обвинителството ниту во судството, рече Шекеринска.

Јавното обвинителство сеуште не информира, а партијата ВМРО-ДПМНЕ вели дека не знае дали ќе поднесе кривична пријава за поткуп на пратеници и закани кон нив.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ