
За Законот за јазици е потребно двотретинско мнозинство?!
Главниот проблем со Законот за употреба на јазиците е мнозинството со кое тој беше донесен, смета поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски. Овој закон, смета тој, треба да биде донесен со двотретинско мнозинство, затоа што со него се уредуваат прашања за употребата на јазикот во судските постапки и во органите на државната управа и општините, кои, според Уставот, се уредуваат во согласност со закони кои се донесуваат со двотретинско мнозинство.
За Ивановски е спорен и начинот на кој се носеше законот. Вели дека, доколку премиерот останеше на ветувањето дека, тој ќе биде во рамки на Уставот, кој ги уредува основите за употребата на македонскиот јазик и јазиците на другите националности, се ќе беше во ред. Но, сега непотребно во овие прашања навлегува политиката, пред се за набивање на рејтинг на одредени политички партии, па дури излегува дека од овој закон зависи и опстанокот на државата.
Вели дека, во усвитени моменти, експертската јавност не се слуша, но има елементи Уставниот суд да си ја докаже својата стручност и компетентност, доколку законот се најде пред нив.
Претседателот Иванов вчера соопшти дека нема да го потпише указот за законот, меѓу другото и затоа што , со него постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загорзување на унитарноста, суверенитетот и теротијралниот интегритет на РМ.
Иванов ги повика пратениците внимателно да ги разгледаат неговите забелешки за да се дојде до сеопфатно решение за Законот за јазиците. Според него, многу одредби од законот се во спротивност на амандманот 5 од Уставот.
Вицепремиерот Бујар Османи, денеска изјави дека е разочаран од постапката на Иванов, но дека со неа ништо нема да се смени.
Од владата преку соопштение велат дека сите одредби се во согласност со Уставот и дека, со Законот се унапредуваат правата на сите етнички заедници. „Законот ќе биде испратен на мислење во Венецијанската комисија и сите нивни забелешки ќе бидат вградени во текстот. Ова е гаранција дека со него не се предвидува ништо спротивно од европските стандарди за употреба на јазиците на етничките заедници“, стои во дописот од Владата.
Далиборка Демјанска