Црвено-жолта рапсодија во Загреб

Европскиот шампион Германија се спаси од пораз. Македонската експедиција продолжува во ист ритам и по првата фаза на натпреварувањето е непоразена. Малкумина тоа го очекуваа по ждрепката каде ја добивме и бронзената од светското првенство Словенија.

„Ова не е сон, никој не измислува, ова навистина се случи“ пишува влијателниот Балкан Хендбол. Македонија е апсолутен хит на првенството. Медиумите, стручните коментатори, новинарите, никој не штеди на пофалби и суперлативи за играта, а особено за тактиката на „Ел Команданте“.

Играчите не ја криеа радоста по ремито со европскиот шампион, и покрај пропуштената шанса за победа шутот на Стоилов на 12 секунди пред крајот на мечот.

Сите до еден застанаа зад македонскиот пикер давајќи му поддршка. Поддршката не изостана и од македонските фанови кои со овации го испратија од теренот во Арената.

Македонската репрезентација денеска го напушта Загреб и патува за Вараждин каде ќе ги игра натпреварите од втората фаза на европското првенство во ракомет.  Квалитет има, борбеноста се покажа, ако ги повторат игрите, „Ел Команданте“ и неговите избраници се враќаат во назад во Арената каде ќе се борат за место на подиумот

По вчерашниот натпревар, селекторот Раул им дозволи на ракометарите да дојдат во фан зоната за да го прославата пласманот заеедно со навивачите. Тој и голманот Ристевски одлучија да одморат во хотелот.

Еуфоријата се претвори во делириум. Стоилов беше мета на сите. „Можеш и не застанувај“. Куражот доаѓаше од сите страни.

Капитенот Лазаров ги поздрави навивачите и им се заблагодари за поддршката која не изостана на ниту еден натпревар. Побара од нив да дојдат во Вараждин и да бидат нашиот осми играч.

На ракометарите им требаа петнаесетина минути за да се оттргнат од прегратките на навивачите и да стигнат до брендираниот автобус кој ги врати во хотелот.

Македонските навивачи се хит на на првенството. Жарот, пасијата и енергијата која е присутна на трибините е единствена. Две и пол илјади грла без престан ги бодреа ракометарите.

Во Вараждин сликата ќе биде друга. Најавено е навивачко засилување а четириилјадната сала ќе се тресе од песната на македонската фалагна.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ