
Премиерот верува во чуда, пред утрешното гласање за уставните измени
Премиерот се надева на чудо на утрешната собраниска седница. Не открива дали е обезбедено двотретинско мнозинство, но се надева дека пратениците ќе смогнат сили, ќе се охрабрат и ќе гласаат за потребата од уставни измени.
На прашањето, дали излегувањето од домашен притвор на двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ е резултат на неговиот повик за помирување, вели дека и самиот се јавил во Министерството за правда, да ги праша за истото. Но, одговорот бил – не.
Премиерот повтори дека е подготвен и да прифати дел од забелешките на опозицијата, со цел да се добијат повеќе гаранции за заштита на идентитетот и целиот процес да се заврши со консензус. Доколку утре две третини од мнозинството гласаат за потребата од уставни измени, се преминува на втората фаза, во која владата треба да изработи нацрт на амандманите, по кои повторно ќе се дискутира и во Собранието и на јавна дебата. Ако нема мнозинство, во опција се вонредни парламентарни избори.
Далиборка Дамјанска Цветановска