
Тинекс не ја известил Владата дека се откажува од „Македонско село“
Како што не информираа од Службата за општи и заеднички работи најпрво ќе побараат средба со досегашните концесионери на Македонско село, а потоа според склучениот договор ќе одлучат што ќе преземат понатаму.
Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и „Квинс“, има член кој определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред. Тоа остава простор за евентуални правни и материјални последици.
Владата на Република Македонија не беше запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи.
Од Тинекс пак, соопштија дека се откажуваат од Македонско село поради финансиска неисплатливост и велат дека има можност за раскин на договорот со писмено барање до јавниот партнер. Од компанијата не ни одговорија дали веќе поднеле ваков вид на документ. Во овие две години од Тинекс велат дека и покрај вложените финансии и човечки ресурси комплексот е економски нерентабилен и работи исклучиво со загуба.
Според неофицијални информации кај познат угостителски ланец од Скопје пости интерес за преземање на Македонско село на Водно, но за таков чекор ќе мора да следи нов јавен повик.
Македонско село почна да се гради во 2011 година, со вредност од над 6 милиони евра инвестиција на Mинистерството за економија, за во 2016 година да го преземе Владата. Преку службата за општи и заеднички работи беше склучен договор со Тинекс и Квинс во сопственост на семејството Тодоровиќ за концесија во рок од 20 години. Месечна кирија како обврска на концесионерот за која имаше критики дека е многу ниска изнесува 3.500 евра месечно или 42 илјади евра годишно. Инаку почетната цена на јавното наддавање за концесијата изнесувала 2.000 евра.
Комплексот се распростира на 12.000 метри квадратни, вклучувајќи ресторани, куќи во етно стил кои служат за хотелско сместување, потоа етно-музеј и воденица.
Христијан Станоевиќ