Мицкоски до Мичел: Договорот е неприфатлив

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку писмо му одговори на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел  на пораките кои тој вчера му ги упати.  Договорот е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков  е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за мнозинството граѓани, што впрочем се покажа и на последниот референдум, каде што и покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до Владата, сепак на крај не успеаа во намерата да обезбедат ни приближно услови за референдумот да биде прогласен за успешен, му напиша Мицкоски на Мичел, уверувајќи го дека пратеничката група е единствена и нема да подржи уставни измени.

Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен  вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи. И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам, пишува Мицкоски.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел му порача на Мицкоски да ги тргне настрана партиските интереси и да создаде услови за слободно одлучување на пратениците од неговата партија во Собранието за уставните измени, ослободени од закани за насилство, одмазда или друг облик на принуда.

Нема да ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието, му напиша Мичел на Мицкоски.

За СДСМ отвореното писмо е доказ дека целиот демократски свет сака да ја види Македонија како членка на ЕУ и НАТО а Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се разочарување.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ