
Мицкоски му одговори на Мичел: Договорот од Преспа е неприфатив за ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му одговори на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел дека Договорот за името е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.
Во писмо на три страници Мицкоски му пишува на Мичел дека овој Договор е штетен за интересите на нацијата и на земјата и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум.
„Продолжувам и навистина не можам да поверувам како ќе се придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста доколку се прифати договор кој: убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот, со кој се менува уставот со цел промена на уставното име на државата, со кој се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија“, му пишува Мицкоски на Мичел.
Мичел вчера во писмо до Мицкоски напиша дека САД се разочарани од него и челниците на партијата заради референдумот и чекорите во Собранието за промена на Уставот, потсетувајќи колку сад силно веруваат во Договорот меѓу Грција и Македонија.
Мицкоски денеска му одговара на Мичел:
„Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи.
И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам“, пишува Мицкоски.
М.Д.