
Двајца пратеници излегуваат од притвор по повикот на Заев за помирување
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, излегуваат од домашен притвор, ден по повикот на премиерот Зоран Заев за помирување за настаните од 27 април за што се обвинети. Василевски го ослободи Кривичен суд со гаранција дека нема да бега од 400 илјади евра. За Арнаудов Апелацискиот суд ја донесе одлуката и тој излегува со гаранција вредна од околу 300 илјади евра. Засега од петтемина пратеници во притвор останува само Крсто Мукоски. Василевски не сакаше да коментира дали сега откако е слободен ќе гласа во собранието за уставните промени, Арнаудов не прецизираше.
Обвинителството за Арнаудов нема право на жалба бидејќи апелација ја носи одлуката, за Василевски нема да се жали. Обвинителката Вилма Рускоска, вели дека можната амнестија за обвинетите е политичка одлука.
Инаку денеска на судењето за „Крвавиот четврток“ се случуваше вистинска драма. Предвидено беше сведочењето на загрозениот сведок, но поради технички проблеми и можно откривање на идентитетот, рочиштето од новата судска зграда се пресели во старата. Таму на условите се жалеле адвокатите по што судијката Добрила Кацарска ги казнила со по 1 000 евра и со забрана за да ги застапуваат обвинетите.
По два часа, откако судот не обезбеди адвокати по службена должност ги пушти бвинетите да заминат. Од судот велат дека условите се такви какви што се, а дека утре ќе се потрудат рочиштето да се одвива во поголема судница во новата зграда. Инаку денеска јавноста беше исклучена поради безбедност на сведокот, освен преставникот на ОБСЕ и на Американската амбасада. За Хелсиншкиот комитет ваквата одлука е незаконска и јавноста во иднина мора да присуствува.
Билјана Николовска