
Поголемо задолжување од раздолжување, за што е разликата од 20 милиони евра? Финансии тврди аукцијата е редовна
Денеска се задолжи кај домашните банки за 57 милиони евра, следниве неколку дена ќе врати 37. Зошто Владата се зајми повеќе од раздолжувањето, за дури 20 милиони евра?
Реагираше и опозицијата, велат дека со ова се зголемува државниот долг на земјава, тие пари ќе ги враќаме ние и идните генерации.
Од Министерството за финансии тврдат дека оваа аукција е редовна и предвидена. Сите пари ќе одат за финансирање на буџетскиот дефицит, како што е и законски предвидено, бидејќи Буџетот е изгласан од Собранието. Вишокот од 17 милиони евра сигурно нема да бидат наменети за евентуални избори, тврдат, бидејќи за тоа веќе постојат средства на ставката Функции на државата, од која и претходно се финасирале вонредни избори.
Министерот Тевдовски вели дека Владата добро управува со јавниот долг, лани тој за прв пат се намалил, по долги години постојан раст.
Ние имаме политика на менаџирање на јавниот долг, во целиот овој период, посебно во 2018, сведоци сте дека успеавме сериозно да ги намалиме каматните стапки на инструментите кои ги издаваме, и поради намалување на каматите ни се создава поголем фискален простор, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Нешто повеќе од 16 милиони евра Министерството за финансии позајми преку 30 годишна обврзница, првиот финансиер вели дека му е драго што земјава годинава за прв пат издала обврзница на толку долг рок, тоа значи дека има инвеститори кои веруваат оти во 2048 нашата економија ќе биде доволно добра за да им се вратат парите
Министерот потсети и дека во 2020 и 2021 година стигнуваат за враќање големи суми долгови направени од претходната власт.
На крајот на вториот квартал јавниот долг е на ниво од 47,7 отсто, што е за 0,5 поени повеќе од првото тримесечје. Светска банка предвиде дека до крајот на годинава тој ќе стигне до 50 отсто од БДП, а во најновата Фискална стратегија Владата се обврзала да не надмине долг од 60 проценти. Но експертите предупредуваат, академик Таки Фити вели дека за земјава е неодржлив пораст на долгот со оваа динамика.
Многу побрзо расте долгот, отколку што е динамиката на пораст на бруто домашниот производ. Во таква ситуација доаѓа до кумулирање на ЈД. И голем дел од долгот, е профилиран во минатото, од непродуктивни инвестиции, и тој долг, според тоа, не може да се враќа. Мислам дека Владата треба да биде повнимателна, таа сега се жали дека има поранешни долгови, па и натаму оди со емисија на државни записи, но тоа треба да се рационализира и Владата да биде внимателна. Мислам дека долг од 50 отсто од БДП за Македонија е неодржливо ниво, рече неодамна претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.
Според академик Фити, Владата во иднина мора похрабро да оди на фискална консолидација, дефицитот, кој годинава се сведе на 2,7 отсто од БДП и натаму да се намалува, а Владата да ги тргне сите оние расходи кои не се одржливи и покриени со средства.
Нина Нинеска-Фиданоска