
Димитров: И најголемите противници ќе согледаат дека Договорот е единствениот пат за напред
И најголемите противници на Договорот од Преспа во двете земји порано или подоцна ќе согледаат дека ова е единствениот пат за напред, порача денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска најавите на грчкиот министер за одбрана и коалициски партнер на премиерот Алексис Ципрас, Панос Каменос, дека ќе излезе од Валдата кога Договорот ќе стигне во грчкиот Парламент, но и на изјавата на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас дека без ратификација на Договорот нема решение, нагласи дека постои една чудна симбиоза на противниците на овој Договор и во двете земји.
Убеден сум дека со успехот на овој процес и најголемите противници, некои порано, некои подоцна, но не многу долго, ќе видат дека ова е единствениот пат напред. Регионот е потонат во историјата и произведува премалку иднина, нагласи Димитров на заедничката прес-конфренција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националониот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, на која тие информираа за почетокот на претпристапните разговори за влез во Алијансата.
Истакна дека и во Македонија и во Грција е создадено пријателство меѓу силите, кои сакаат овој проблем да се надмине.
Министерот за надворешни работи нагласи дека во овој момент процесот е кај нас и оти македонската страна треда да го реши својот дел од задачата.
Сега е во рацете на пратеници. Да си ја завршиме нашата работа. Потоа процесот е во Атина и тие ќе имаат работа. Многу е важно да го завршиме нашиот дел со верба дека и тие ќе го завршат својот дел, бидејќи и тие ја потпишаа спогодбата, рече Димитров.
Осврнувајќи се на противниците на Договорот од двете страни, рече дека критиките ги пласираат врз основа на многу различни позиции
За Каменос, за грчката опозиција и другите противници проблем е што во Договорот врз основа на правото на самоопределување е прифатен македонскиот јазик, македонскиот народ со сите идентитетски обележја, нашето културно наследство. Противниците на ова историско решение во двете земји имаат сосема различна перспектива. Ако ги споиме единствен логичен резултат е немање договор и враќање назад во караници, во идентитетски битки, нагласи шефот на дипломатијата.