
Државен ревизор: ФЗО нема целосна контрола на потрошените пари
Сложени постапки со долги рокови и обемна документација. Кај 30 отсто од решенијата за лекување во странство пробиен е законскиот рок од 45 дена, открива Државниот завод за ревизија во последниот извештај за работата на Фондот за здравство.
Меѓу слабостите на кои укажува ревизорот е и тоа што пацинетот нема можност да се жали во друга второстепена комисија, туку во истата која одлучувала за барањето во прв степен. Ревизорот открива и дека Фондот нема целосна контрола на парите, бидејќи не знае дали услугата што ја платил е завршена, а не се прават ниту анализи на успешноста на лекувањето во странските болници.
И покрај тоа што во Правилникот е предвидено, осигуреникот по завршеното лекување во странство со отпусното писмо да се јави на преглед во клиниката која го издала предлогот и врз основа на извршениот преглед и медицинска документација од странската здравствена установа, клиниката треба да достави до Фондот медицински извештај за успешноста на извршеното лекување, истото не се спроведува, се вели во извештајот.
Ревизорот констатира дека недостигаат соодветни докумети и дијагностички постапки, неопходни за одлучување на комисиите за дополнителните трошоци кои произлегуваат од лекување во странство.
Фондот за овие лекувања, во 2017 исплатил околу 6 милиони евра, во 2016 година еден милион повеќе, а во 2015 потрошил четири и пол милони евра.
Ревизорот сугерира да се иницираат измени во Законот за здравствено осигурување за да се исклучи второстепената комисија за лекување во странство од првостепената постапка, како и да се скратат роковите за упатување и да се намали документацијата. Меѓу препораките во извештајот, стои и тоа дека е потребно медицински лица да се вклучат во контрола на содржината на фактурите од лекувањето во странство, а странските болници да се рангираат според успешноста на лекувањето.
Весна Јовановска Дојчиновска