
Ако има избори, ќе страда бизнисот, предупредуваат од текстилниот кластер
Политичарите да не дозволат политичката криза да прерасне во безбедносна, апелираат од текстилниот кластер бидејќи тоа според стопанствениците ќе биде погубно за извозните компании. Ако политичарите мислат само на партијата, државата ќе застрани од зацртаниот план, нестабилноста ќе се продлабочи а тоа ќе влијае на договорите со странство и планираните инвестиции.
Во таква нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Но,ако таа политичка нестабилност прерасне во безбедносна криза тогаш и ова што сега го работиме, ќе го нема, предупредува Ангел Димитров.
Одржување на предвремени избори ќе донесе дополнително оптоварување за бизнисмените. Ќе се доведе во прашање мерката за субвенционирање на инвестициите што компаниите ги направиле лани.
Ако има нови избори, целата енергија таму ќе оди, сите ќе се занимаваме со политика, а ќе страда бизнисот. А од тој бизнис се очекува да се полнат фондовите и буџетот, да ги зголемуваме социјалните давачки. Ако бизнисот паѓа, ќе паѓа целата економија и целата држава, категоричен е Димитров.
Димитров предупреди дека клучен проблем за текстилната индустрија останува недостигот на работници а бројките говорат дека годишно нивниот број се намалува за 5-6 %. Владините мерки за зголемување на платите на вработените лошо се реализираат и немаат позитивен ефект за подобрување на финансиската состојба на компаниите.
Подобри резултати се очекуваат од последниот предлог за замрзнување на придонесите бидејки ќе овозможи повисоки плати за работниците, без да се зголемат трошоците за работодавачите. Единствена слабост е ниската пензиска основица, но и тоа според Димитров може да се реши доколку работниците имаат избор дали сакаат повисока плата или повисока основица за пензија.
Виолета З. Стојановска