Критики за покривање на долговите на општините, растот од 2,8 преоптимистичен

Од критики – до став дека беше очекуван, се движат експертските размислувања за ребалансот, со кој владата ќе скрати 92 милиони евра од капиталните инвестиции и ќе ги пренамени за покривање на долговите на општините, кои ќе добијат 50 милиони евра, и на Фондовите за пензиско и здравствено.

Ова е ребаланс кој една влада не би сакала да го има, вели професорот Поповски. Според него, не е добро што Владата реши да остане на исто ниво на дефицит, 2,7 отсто од БДП, во услови кога плива во пари. Тоа ќе значи натамошен раст на јавниот долг, па смета дека тој требаше да се намали, кога веќе парите нема да одат за Клиничкиот центар и за гасоводот. Особено е лошо ќе се покрива расипничкото однесување на општините.

И за жал, покривање на долгови на општините, во висина од 50 милиони евра, што е критичен потег на власта, ние во економијата го нарекуваме морален хазард, општините сега ќе се коцкаат со идејата дека и натаму ќе можат да трошат над своите приходи, да се задолжуваат, и некогаш, некој ден, Владата пак ќе им ги покрие, а општините се доведоа во ситуација да немаат за греење и за своите потреби, бидејќи парите ги трошеле за фасади, спчоменици и други непотребни работи, и сега Владата тоа ќе го покрива, наместо да им каже, вие ќе си ги платите вашите обврски што сте ги создале и никој нема да ви ги прости, вели Никола Поповски.

Петрески од Фајнанстинк вели дека ребалансот е очекуван, бидејќи потфрлија капиталните инвестиции. Но дали е оправдано тие пари да одат за покривање на обврските на општините и фондовите? Можеби било единствена опција, вели Петрески, но укажува дека на среден рок мора да се обрне поголемо внимание на планирање на буџетот, но и на следење и менаџирање на долговите, да се одговори – зошто тие настанале.

Доколку долговите се настанати со еднократна причина, и исплатата од ребалансот е оправдана, но доколку причината за овие долгови е хронична, како кај Фондот за пензиско, во тој случај единствено решение за надминување на овие проблеми е преку структурни реформи, а не преку постојано алиментирање од буџетот, вели Благица Петрески од Фајнанстинк.

Економистите се едногласни дека дури и намалениот раст од 2,8 отсто е преоптимистичен.

Никој во светот, и ММФ и СБ во своите октомвриски проекции тоа не го поддржуваат, ниту гледаме дека после првите два квартали, кои се прилично скромни, агрегатно, дека тоа може да се постигне. Мислам дека е направено 2,8 отсто за да биде повисоко од дефицитот, 2,7 отсто, за да не излезе дека е повисоко, вели Поповски.

Според нашите проекции, стапката на БДП ќе биде меѓу проекциите на ММФ и СБ, 2,2 отсто, главно поради недоискористените капитални инвестиции, кои треба да значат буст на економијата, но и поради целокупната неизвесност која значајно влијае врз инвестициите, и тоа се покажа дека е така и во изминатите години, вели Петрески.

Според експертите, доколку се оди на избори, овој ребаланс нема да биде во игра, а со тоа и парите што за овие намени ги планираше Владата, ќе остарат неискористени.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ