
Македонија го продолжи победничкиот низ, го совлада аутсајдерот Лихтенштајн
Македонската фудбалска репрезентација го продолжи позитивниот низ без пораз во Лигата на нации за пласман на Европското првенство. На домашен терен за третиот триумф го совладеа Лихтенштајн со 4:1 во третото коло од четвртата група во Лига Д.
На „Филип Втори“ арената Александар Трајковски ги постигна првите два гола во 10 и 30 минута, а Горан Пандев беше стрелец за 3:0 во 36 минута, пред гостите да намалат во следната минута преку Сејхан Јилдиз. Езџан Алиоски го постави конечниот резултат во 67 минута.
Нашиот национален тим нанижа три победи по ред во новоформираното натпреварување на УЕФА и е во серија од 10 средби без пораз. На половина од најслабата Лига Д заедно со Грузија имаат најдобар скор од 14 репрезентации. Гибралтар приреди сензација по триумфот на гостински терен кај Ерменија од 1:0.
По ова коло Македонија се завцрсти на првата позиција со максимални девет бодови и речиси го завери учеството во плеј офот, пред Лихтенштајн, Ерменија и Гибралтар кои собраа по три бода.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски веќе се во Еревен каде во вторник на 16 октомври ќе го заокружат вториот циклус на гостувањето кај Ерменија, репрезентацијата против која со триуф можат да го обезбедат првото место. Истиот ден на вториот меч Гибралтар ќе му биде домаќин на Лихтенштајн.