
Зошто е нерешено убиство на Дилавер Бојку Леку?
Го видов убиецот и сето тоа веднаш го кажав во полиција, но тој ден по убиството заминал за Швајцарија- ова е тврдењето на синот на Дилавер Бојку Леку, кој пред 14 месеци беше ликвидиран во свој угостителски објект. Децата на Леку очекуваат конечно истрагата да проработи и да донесе резултати. КОД истражуваше како е дојден убиецот до местото каде го убил познатиот балкански бос Бојку и зошто возило мерцедес воопшто не било опфатено на почетокот на истрагата.
Нерешеното убиство на Дилавер Бојку Леку беше едно од прашањата за кое екипата на КОД постави прашања до МВР уште минатата недела, додека го истражувавме и реконструиравме двојното убиство на Рузвелтова. Претходно од еден полициски функционер слушнавме неофицијална информација дека убиецот е откриен и дека е во Швајцарија, а најверојатно има распишано и потерница по него. Проверките на оваа информација не донесоа официјална потврда.
Но иако немаше одговор, добивме повеќе повици-луѓето дознале дека имаме информации, дека се распрашуваме и се интересираа што знаеме. На ист начин и со иста цел до нас стигнаа повиците и на семејството на Бојку. И тие на некој начин дознале дека КОД го истражува случајот со убиството на 58-годишниот Леку. Договоривме средба, а патот не одведе во Струга, каде лани во август пред 14 месеци беше извршена ликвидацијата на медиумски експонираниот балкански бос на проституцијата. На патот кон езерото добивме и суптилни пораки и совети дека треба да се внимава на случајот и дека полицијата треба да се прашува за истрагата, а не роднини или евентуални сведоци.
КОД истражуваше како е дојден убиецот до местото каде го убил познатиот бос Бојку и зошто возило мерцедес воопшто не било опфатено на почетокот на истрагата. Какви мотиви се кријат зад убиството на Дилавер Бојку, кого медиумите го нарекуваа балкански бос откако неговото име поради трговија со луѓе во родното Велешта на својата црна листа го стави и американската влада. Полицијата и обвинителството само кратко одговараат дека истрагата се води, но конкретни резултати и сознанија не соопштуваат. Во Струга беше Миомир Серафиновиќ.