
Нова еколошка бомба во Тетово
Целиот двор на претоварната станица кај тетовски Требош е пренатрупан со смет. Нова еколошка бомба во Тетово пак се појави, откако пред две години дивата депонија на влезот од градот беше исчистена. Последиците се огромни, велат екологистите. Аерозагадувањето се зголемува, а загрозена е земјоделската површина околу станицата.
Станицата кај тетовски Требош едвај половина година работеше според стандарди. Сиот комунален смет собран од тетовските домаќинства се носеше и преку инка се истураше во посебни контејнери, кои потоа се товареа на камиони, кои го транспортираа и депонираа сметот во скопската депонија Дрисла. Но повеќе од една година поради честите дефекти на станицата, отпадот немато во инката се истура на земја, загадувајќи ја околината. Од ЈКП Тетово, велат дека несовесни граѓаните фрлаат во контејенерите и цврст отпад, затоа и настануваат честите дефекти во претоварната.
За еколошката бомба општинските власти не одговараат пред законот. Од Општинскиот инспекторат велат дека се свесни за проблемот, ја следат состојбата на терен, но досега од нивна страна не е поднесена пријава ниту пак се казнети одговорните од ЈКП Тетово и општинските власти. И од Државниот инспекторат за животна средина, одлучиле да не го казнуваат комуналното претпријатие.
„Ние можеме уште утре да го казниме Јавното комунално претпријатие Тетово и да ја затвориме претоварната станица, затоа што не работи според стандарди. Но, ако го преземеме овој чекор уште повеќе ќе ја комплицираме состојбата, и сметот ќе се таложи по улиците и тротоарите. Мора да внимаваме на состојбата која ја следиме, и постојано сме во комуникација со ЈКП Тетово кои бараат начини за решавање на проблемот“, соопштија од Државен инспекторат за животна средина.
Подобра еколошка слика нема ниту во градот, каде мини диви депонии има на секој чекор, претежно околу контејнерите и во стариот дел на Тетово.
Зоран Димовски