
77 години од почетокот на борбата против фашистите
Се одбележува денот кога од Прилеп и Куманово започнало единственото победоносно востание во историјата на Македонија. Борба се водела против фашистичкиот окупатор, а целта била создавање на македонска држава.
Востанието го започнале млади луѓе, со идеал за слобода, во време кога голем дел од европските народи окупирани од фашистите чекале туѓа војска да ги ослободи. Празникот традиционално се одбележа во повеќе градови, како и во дворот на Владата пред споменикот на борците.
„Несомнено еден од најсветлите и пресудните датуми во историјата на македонскиот народ. Тој го означува почетокот на единственото победоносно востание на нашиот народ во неговата долга и мачна историја исполнета со тиранство, многу завојувачи и многу неуспешни народни побуни и востанија против туѓите поробители на нашата земја“, вели Никола Стојановски, Претседател на Сојузот на борци од народно-ослободителната борба.
Порака испрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека во времето на поделена и разурната Европа, ослободителите ни оставиле наследство од кое треба да учиме за да напредуваме, исправени пред предизвиците на новото време.
„Токму во најтешкото, Македонија го направила најважното и најдоброто. Токму во најтешкото беа искалени македонските национални интереси и нашата стратешка ориентација како нација. Кога пукнале првите пушки во Прилеп и Куманово, пукнале во име на слободата, на еднаквоста, на желбата за победа над тиранија“, изјави министерката.
По повод денешниот празник, во Собранието се доделија наградите „11 октомври“. Во името на наградените се заблагодари писателот и новинар Ристо Лазаров, според кого оваа награда им се доделува во едно деликатно време за државата.
„Ве потсетувам на поетите-партизани незаборавајќи ни на сон дека тие заедно со 120.000 војска беа подвижници на прогресот, беа длабокиот 11 октомвриски корен од кој широко се разграни дабот на нашата слобода и на нашата ансомска државност на се што денес донесе таа. Оваа награда ни се доделува во едно деликатно време. Среде нова битка сме за иднината, Онаа иднина на која Кочо Рацин и го знаеше името – куќа цел свет братски ми е“, вели писателот и новинар Ристо Лазаров.
Голем дел од политичарите кои денес говореа во чест на празникот, порачаа дека Македонија е исправена пред сериозен тест за напредок и интеграција, кој мора да го положи. Само така ќе биде исполнет долгот кон своите предци кои се бореле за македонска држава.
Петар Догов