Образованието во Гостивар две години жртва на политички препукувања

Влажни ѕидови, покрив кој прокиснува, дотраен објект кој речиси половина век не е саниран. Во вакви услови учат над 1.000 ученици во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар. Родителите на децата, велат дека надлежните секоја година даваат ветувања, дека објектот ќе се реконструира.

Но сликата е сосема друга, наместо покрив градските власти имаат поставено најлон, и при секој дожд во училниците тече вода која се пречекува во кофи а тогаш и најчесто наставата се прекинува, поради старата електрична инсталација.

За реконструкција на училиштето има изработено проект кој чини околу 250.000 евра, но истиот никако да се реализира. Минатата година Општина Гостивар, најави дека треба да завршат тендерските процедури, и оваа учебна година, како што ветија, учениците ќе ја започнат во реновиран објект.

Од Министерството за образование, велат дека не бил распишан тендер за реконструкција, затоа што во проектот утврдиле неколку забелешки, и истиот го вратиле во општината на корегирање. Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари рече дека поради одземените надлежности во областа на образованието, немал ингеренции да врши корекции на проектот.

Директорот на училиштето Игор Радевски вели дека градоначалникот има ингеренции да го финализира проектот, но работата тапка во место поради политички препукувања меѓу општината и министерството.

Образованието во Гостивар две години е жртва на политички препукувања меѓу општина Гостивар на чело со Таравари кои доѓаат од Алијансата за Албанците и Министерството за образование со кои раководеа кадри на СДСМ а сега на ДУИ. Поради нивните надмудрувања трпат учениците, наставниците и целиот образовен процес, чии училишта се со блокирани жиро сметки, долгови за струја и недостакот на средства за работа.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ