
Правната несигурност најголем проблем за трансродовите лица во Македонија
Трансродовите луѓе во Македонија се потешко добиваат одобрение за промена на половите одредници во личните документи. Промената на името на едно лице е најлесниот чекор, но проблемот настанува со правното идентификување. Така транродовите луѓе се соочуваат со проблеми при наоѓање на работа, изнајмување стан, отворање сметка во банка, добивање кредит и многу други секојдневни непријатни ситуации. За нив сведочи и Алекс Ристовски кој веќе го има променето името, но се соочува со голема несигурност кога ќе започне постапката за промена на личните документи за идентификација.
Често транродовите лица се соочуваат со дискриминација и потсмев во самите институции, без оглед што законски не е забрането да се промени родот во документите. Согласно меѓународните декларации за човекови права македонската држава е тужена пред Eвропскиот суд. Со добивање на правната битка треба конечно да се олесни процедурата за промена на ознаката за пол во личната карта и матичниот број.
Со промена на одредбите од Законот за заштита од дискриминација правно може да се обезбедат механизми за заштита на трансродовите лица. Ристовски вели дека со правната заштита никој нема да изгуби ништо, туку само ќе се спречи поголема дискриминација.
Институциите имаат почетен позитивен одговор на иницијативата за законските измени. Од 2008 година десетина лица почнале постапка за промена на ознаките за полот во документите, но успешни се само три.
Христијан Станоевиќ