
Стопирана изградбата кај Мајчин дом
Општина Аеродром ја запре изградбата на зградата кај Мајчин дом во рок од 15 дена. Градоначалникот Златко Марин утрово издал решение за стопирање на градежните работи и ќе преговара со инвеститорот за да се договорат што понатаму. Ова уследи откако веќе два дена багерите го раскопуваат зеленилото.
Марин ја стопира изградбата поради тоа што неговите инспектори денес регистрирале неправилности на градилиштето.
За во петок, градоначалникот најави вонредна седница на општинскиот совет. Таму заедно со невладините и сите заинтересирани жители ќе разговараат и ќе се обидат да најдат решение на ситуацијата.
Откако јавноста побара одговори, зошто градоначалникот Марин не постави мораториум за градење по принципот на општината Центар, свој коментар даде и градоначалникот на Центар, Богдановиќ. Според него, како се носи ДУП-от, така може и да се измени.
Синоќа, ставот на Општина Аеродром беше дека е невозможно да се спречи спроведувањето на Деталниот урбанистички план донесен од претходниот градоначалник Ивица Коневски.
Денес стигна реакција и од партијата на Коневски, ВМРО-ДПМНЕ, од каде побараа градоначалникот Марин да да ја запре изградбата и да направи ревизија на Деталните урбанистички планови.
„Гледаме дека ветувањата на Марин и СДСМ за зачувување на зеленилото и повеќе нови зелени површини беа само една обична лага, за предизборно манипулирање на граѓаните. Градежниот хаос не смее да продолжи“, изјави Дејан Митревски од ВМРО-ДПМНЕ.
Синоќа, група граѓани се собраа на протест пред градилиштето кај Мајчин дом и јасно порачаа дека очекуваат градоначалникот да ја запре изградбата, но и да поднесе оставка поради неисполнети ветувања.
Петар Догов