Јасно да се знае кои физички лица и авторски договори треба да бидат оданочени со ДДВ

Кои авторски договори треба да бидат оданочени со ДДВ, а кои не, и кои физички лица треба да бидат обврзници? Граѓанскиот сектор бара државата да ги расчисти овие прашања и да направи попрецизна законска регулатива, затоа што сегашната има нејасноти, и се остава простор даночните власти да бидат селективни при одредувањето кој подлежи на овој данок.

Откако претходната Влада пред неколку години, со цел да собере повеќе пари во буџетот, оваа обврска им ја наметна и на членовите на управни и надзорни одбори, и на издавачите на деловен простор, сегашната од стартот на годинава уште повеќе ја збуни и револтира јавноста, со тоа што побара практично сите физички лица треба да влезат во режимот на ДДВ.

„Бидејќи главната енертгија врз основа на која дојде до промена на политичкиот естаблишмент во 2017 година беше владеењето на правото, ние бевме изненадени што и новата власт, во потрага по тој фискален простор продолжува со поширок опсегна толкување на Законот за ДДВ, дека практично сите физички лица треба да бидат ДДВ обврзници“, вели Марјан Николов од ЦЕА.

Во Студијата изготвена од Фајнанстинк, Центарот за економски анализи и Центарот за даночна политика, граѓанскиот сектор бара во Законот за ДДВ да се допрецизира што е стопанска дејност, и колку трансакции требало да бидат направени за така да се третира, да се отвори регистар на физички лица – обврзници на ДДВ, но и да се допрецизира Законот за ДДВ, тој да содржи јасни одредби кои авторски договори се надвор од опфатот на ДДВ.

„За да потпадне под терминот стопанска дејност, лицата треба да имаат стабилни приходи, на континуирана основа, и треба да се претпоставува остварување на иден доход, тука е таа ширина во дефинирањето на термините, за што некој треба да има доволно независност, неутралност или интегритет при третманот на тие термини“, вели Борче Смилевски, Центар за даночна политика.

Невладините бараат и јасен правилник за тоа кои проекти, на пример ИПА, се ослободени од ДДВ.

Според информациите, годинава над 1.600 физички лица, со приходи од над еден милион денари се пријавиле во УЈП за ДДВ обврзници, главно со авторски и договори на дело, со научни трудови, проценители и вештаци, и тие ќе платат ДДВ од 18 отсто.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ