
Анѓушев: Економијата оди во нагорна линија
Владата не е загрижена од надолните корекции за растот на економијата што во само неколку дена ги дадоа и ММФ и Светска Банка. По премиерот Заев вчера, и вицепремиерот Анѓушев денеска убедува дека планираниот раст од 3,2 % ќе се оствари со раздвижување на 4-5 проекти во градежништвото.
„Не се согласувам дека економијата оди во надолна линија, бројките покажуваат дека оди во нагорна линија. Растот досега го обезбедувала државата, сега тој е одраз на реална економија, не го направи државата со вештачки туку со реални проекти“, вели Анѓушев.
И Централната Банка е оптимист дека ќе продолжат поволните движења во економијата иако регистрира отстапки од април до сега, во однос на проектираните и реализираните проекти .
„Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот, главно заради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамки на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од високофреквентните податоци упатуваат на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината“, соопштуваат од НБРМ.
Бизнисмените пак се во неизвесност. Намалените проценки за економски раст велат се очекувани во услови на ваква политичка криза но бараат интензивирање на активностите во делот на поддршка на инвестициите и пристап до финансии
„Замолуваме да не се застане на овие неколку почетни чекори. Имаме многу работа пред нас. Треба да дадеме се од себе и да ја динамизираме индустријата. Сакаме се побрзо да се реши за да имаме јасна визија каде ќе сме утре“, рече Трајан Ангелоски од Сојузот на стопански комори.
Во есенскиот извештај ММФ напиша дека Македонија заостанува зад регионот и дека економијата наместо очекуваните 3,2 % годинава ќе порасне едвај 1,6%. Надолна корекција направи и Светска Банка според која растот годинава ќе биде 2,9%. Подобри од нас годинава ќе бидат сите во регионот, највисок раст од 4 % ќе имаат Србија, Албанија и Косово, Црна Гора ќе има раст од 3,7 %, БИХ 3,2 %, Хрватска 2,8 % а Грција 2,4 %
Виолета З. Стојановска