
Ново рочиште за случајот „Насилство во Центар“
Во кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Насилство во Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица.
Како сведоци во постапката денеска во судот дојдоа Мирослав Шиповиќ кој во 2013 беше претседавач на Советот на општина Центар и сега актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ. Пред да се појави обвинетиот Никола Груевски, кој доцнеше 18 минути, обвинителката Фатиме Фетаи побара приведување за него. Но тој пристигна во судницата веднаш после тоа.
На претходните рочишта за предметот беа сослушани тројца поранешни советници во општина Центар, од редовите на СДСМ. Тие сведочеа дека на 10 јуни 2013 година имало организиран напад во општината од изманипулирана и организирана толпа на граѓани кои извикувале пцости и недолични зборови.
Сведоците истакнаа дека меѓу точките од дневниот ред на петтата седница на Советот на општина Центар немало точка за рушење на црквата „св. Константин и Елена“.