
Има ли закани против пратеници на ВМРО ДПМНЕ?!
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан има сознанија за закани против пратеници на ВМРО ДПМНЕ кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да го подржат Договорот во Собранието. Во интервју за австриски „Стандард“ Хан вели дека заканите се упатени од опозицијата. Бара од ВМРО ДПМНЕ да се откаже од деструктивниот пристап и интересите на земјата да ги стави пред партиските.
Доколку Договорот од Преспа не помине, Еврокомесарот предупредува дека партијата целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија. Евентуални предвремени избори ќе носат ризик од пробивање на поставените рокови за Договорот со што се отвора сомнеж дали Грција ќе биде во можност да го усвои во својот Парламент.
ВМРО ДПМНЕ ги отфрла наводите дека им се закануваат на своите пратеници. Тврдат дека пратеничката група е единствена и нема да ги подржат уставните измени. Власта според нив е таа која во моментов тргува со пратениците. Апелираат до секој пратеник ако има докази за закани и притисоци да ги пријави во МВР.
Од МВР велат дека до овој момент до нив не е поднесена ниту една пријава за загрозување на безбедноста на пратеник, но доколку биде пријавен таков случај тие веднаш ќе постапат соодветно и ќе преземат мерки за соодветно обезбедување.
Во меѓувреме расте и пристисокот врз Вмро Дпмне од европските политичари и од нејзината сестринска групација.Шефот на Европската народна партија, Жозеф Дол, каде членува и ВМРО ДПМНЕ на Твитер напиша дека треба да се донесе важна одлука за иднината на државата и целиот регион во ЕУ и НАТО.
„Останувам разочаран од досегашната улога на опозицијата во процесот, конструктивната мора да надвладее над бојкото. Дијалогот меѓу оние на власт во ПЈРМ и опозицијата е потребен бидејќи ова е важен дел од демократијата“, напиша Дол. И Европратеникот Кукан повика Договорот да се имплементира во Собранието.
Пораките се дека партиите не треба да ја пропуштат оваа шанса која и нуди иднина на државата.
Јулијана Пешевска