Џафери: Предлогот на Владата пристигна во Собранието – Не знам дали има двотретинско мнозинство

Вечерва гостин во Топ Тема на Ваша страна, гостин е претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери потврди дека Предлогот на Владата и материјалот пристигнале во Собранието. „Предлогот на Владата ги исполнува условите, постапката може да почне“, кажа Џафери.

Тој појасни дека не е битно кој е предлагач, и дека обврските на Собранието се исти.

Запрашан околу евентуалното обезбедување на двотретинско мнозинство, Џафери кажа дека не знае дали тоа постои: „Не можам да кажам во која насока одат преговорите со пратениците. Не знам дали има двотретинско мнозинство“.

„Апелирам пратениците да резонираат што е во интерес на граѓаните и државата. Дел од пратениците со кои јас комуницирам се загриежни во кој правец оди државата“.

„Во Собранието има моменти кога треба да се донесат тешки одлуки како што е оваа. Ние работиме во интерес на граѓаните и државата и сите пратеници мора да го знаат тоа“.

„Доколку има физички закани кон пратеници, има институции кои треба да интервенираат и да ги процесуираат“.

Џафери ги објасни идните чекори во процесот на промените во Уставот: „Има три фази (чекори) за усвојување на уставните измени“

„Деловникот го определува максимумот на траење на постапката. Јас треба во рок од три дена да го разгледам предлогот на Владата, да се консултирам со службите и да го доставам до пратениците. Тоа можам да го сторам и за еден ден. Откако ќе биде доставен до пратениците најмногу за десет дена јас можам да свикам Пленарна седница. Во меѓувреме треба да свикам седница на Комисијата за уставни прашања. Ако се исцрпи дебатата на Комисијата третиот ден се оди на Седница“.

„Според Деловникот, седниците на Собранието ги свикува спикерот. Меѓутоа итна Седница може да се свика на барање на 20 пратеници или Владата. Тоа право го имам и јас“, додаде Џафери. „Седница не можам да свикам утре. Има постапка во Комисијата која може да трае до 10 дена. Работата на Комисијата за уставни прашања ќе го диктира темпото и кога ќе се свика Пленарната седница“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ