
Гасоводот жртва на ребаланост?
Доколку Владата се одлучи да ја прекрои државната каса, прва жртва на ребалансот ќе биде гасоводот. Наспроти оптимизмот дека изградбата на гасоводот на Водно ќе се деблокира и дека парите ќе се искористат до крајот на годинава, министерот Горан Сугаревски денеска призна дека тоа нема да се случи. Иако не прецизира колку пари ке се скусат, уверува дека средствата што нема да се искористат за изградба на овој стратешки проект, ќе се пренаменат за други проекти.
„Се што сметаме дека може да се потроши до крај на годината ќе остане во буџетот и ќе се троши за капитални инвестиции. Не е работата парите да стојат, туку да се трошат. Останаа голем дел од парите, беа превдидени 2 милијарди денари, ќе видиме на крај“, вели Сугаревски.
Иако овој проект има највисок удел во инвестициите под надлежност на Министерството за транспорт, реализацијата на гасоводот досега е минимална и изнесува едвај 8,6%. Ребалансот ќе го закачи и Јавното претпријатие за станбен и деловен простор каде неискористени лежат 4 милиони евра а пренамена најверојатно ќе има и за 7 милиони евра што се неискористени во Бирото за метрологија, 5 милиони евра во Службен весник и уште 3,5 мил евра нераспределени средства од дивидендата за 2016.
Кога ќе биде ставен ребалансот на буџетот пред пратениците, премиерот Заев рече дека ќе зависи од преговарачкиот процес за договорот со Грција. Министерството за финансии информира дека прекројувањето е генерално направено, но документот нема да биде испратен до Владата се дури не заврши преговарачкиот процес за иднината на државата.
Виолета З. Стојановска