
Бизнисот повторно апелира – побргу да се реши политичката криза
Уште еден апел од бизнисот до политичарите – политичката неизвесност да се реши што побргу. Ако Македонија влезе во политичка криза, можеби таа нема веднаш да атакува врз извозот, но негативно ќе влијае врз инвестициите.
„Конкретно нашата компанија регистрираше пораст на извозот за 9 проценти, во првите 9 месеци од годината. Не гледам дека политичката ситуација, и ако Македонија влезе во политичка криза, би влијаело на извозните активност на компаниите. Можеби ќе влијае повеќе на нивното охрабрување да инвестираат, да растат и да отвораат нови пазари, но сите се надеваме, и во Стопанската комора на Македонија, и компаниите, дека брз ќе се надмине оваа неизвесност и ќе се продолжи со оптимизмот“, вели Глигор Цветанов, пртетседател на Клуб на извозници при Стопанската комора на Македонија.
За земјава да има повисок раст, учеството на извозот во БДП мора да се зголеми од сегашните 50, на дури 75 проценти, кај земјите од Вишеградската група тоа е над 80 отсто. Но од вкупниот број фирми во земјава, само 5 отсто или 3.500 фирми се извозно ориентирани, и тоа трае веќе долг период, а главните причини се недостигот од финансии и стручен кадар. Од извозниците, пак, само 3 проценти се големи, и тие прават над 80 отсто од вкупниот извоз. Помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни фирми извезуваат на регионалните пазари, а само три проценти се присутни на некој од ЕУ пазарите.
Најголем трговски партнер на земјава и е Германија, всушност сите балкански земји најмногу тргуваат со Европа, но меѓу себе – многу слабо, ова мора да се надмине и да се освојат регионалните пазари.
„На земјите од Западен Балкан, исто како Македонија, ЕУ им е главен трговски партнер, повеќе од 75 отсто, но нивната меѓусебна соработка е од 10 до 12 отсто“, вели Татјана Штериева, Стопанска комора на Македонија.
За поголем извоз, нашите производи мора да бидат конкурентни и квалитетни, добро дизајнирани и означени и со исполнети стандарди. Најмногу шанси за поголем извоз има прехранбениот сектор, фармацевтската, и металната индустрија. Зошто најмногу извезуваат фирмите од зоните, од комората велат дека странските инвеститори доаѓаат тука со веќе готов пазар, а македонските треба да се борат за него.
Нина Нинеска-Фиданоска