
Болните од рак со месеци чекаат за „мој термин“
Долгото чекање за преглед за рак на дојка и недостигот на соодветен кадар во повеќе медицински центри и здравствени домови е најголемиот проблем со кој во моментов се соочуваат пациентките со малигни заболувања. Зорица Аџиевска која е веќе два пати оперирана, смета дека ваквите пролонгирања на прегледите се одразуваат на навременото лекување и борбата со оваа тешка болест.
- Еве јас сега треба да одам наредниот месец на 7 на онкологија на контрола, а веќе три месеци чекам за термин и сеуште не ми е јавено и не знам дали ќе успеам да појдам на мамографија пред контролата, вели Аџиевска.
Министерот Филипче признава дека по разговорите со пацинтите кои ги имал во изминатиов период проблемот ќе биде решен набрзо бидејќи ваквата ситуација е воочена во повеќе медицински центри и здравствени домови ширум земјава. Во еден дел проблемот се должи и на недостиг на соодветен кадар во некои институции, додава Филипче.
- Кај добар дел забелешките се имплементираа со конкретни мерки со кои се зголемија и бројот на термините во клиниките и во Клиниката за радиологија каде што се закажуваат снимањата. Морам да потенцирам дека неколку дена беше во прекин работата на компјутерската томографија затоа што во моментов се инсталира нов апарат кој што е значително подобар и со поголем капацитет од стариот. Стариот кој што се деинсталираше ќе го ставиме на ново место и ќе го дуплираме капацитетот, вели министерот Филипче.
Статистиката вели дека над 1200 жени во Македонија се дијагностицирани со рак на дојка на годишно ниво. Во текот на изминативе 10 години бројот на новозаболени во Македонија е двојно зголемен. Редовните прегледи и раното дијагностицирање го продолжуваат животот на жената и ги намалуваат трошоците за скапото лекување.
- Апелирам до сите да се грижат за своето здравје да се пипкаат, градите да ги покажат на мамограм не на инстаграм .Тоа им е попаметна работа и треба секој се грижи за своето здравје, вели Аџиевска.
Во Градскиот парк во Скопје денеска по десетти пат се одржа манифестацијата „Напред розово“чија цел е да се подигне свеста во борбата против ракот на дојка. На симболичната Розова прошетка присуствуваа голем број граѓани кои ги разменија своите искуства со соочувањето со оваа тешка болест, јавни личности и дипломати.
Нина Стефанова