
Институциите да преземат мерки за прочистување на Избирачкиот список
Народниот правобранител бара од институциите итно да интервенираат во Избирачкиот список и да ги отстранат сите неправилности. Податоците говорат дека поради обнова на лични документи 30.000 до 40.000 граѓани не можеле да го остварат избирачкото право на референдумот, затоа што биле избришани од списокот.
За да не се повтори истата ситуација и на следните избори , правобранителот бара да се изврши измена на Изборниот Законик, со цел МВР до ДИК да достави извештај по заклучувањето на списокот, со податоци за бројот на обновени или целосно нови лични карти на лица кои во меѓувреме станале полнолетни.
Довербата во Избирачкиот список е целосно изгубена вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски. Проблемот според него се јавува поради методологијата за изработка. Од МВР до ДИК се испраќаат податоци во моментот пред затворање на Избирачкиот список и во нив ги нема имињата на сите оние граѓани, кои според тогашната ситуација на денот на гласање ќе имаат истечени и неважечки лични карти и пасош.
Проблемот со децении се провлекува и кај затворениците и болните и немоќни лица. Во избирачкиот список не се евидентирани 30 до 50% од лицата кои отслужуваат затворска казна. Не е изнајден начин како да гласаат болните и немоќни лица кои престојуваат во старски домови, душевни болници, клинички центри, геронтолошки заводи. Нараодниот правобранител бара од Владата да се ограничат сите можности за злоупотреба на личните податоци при електронскиот пристап до Избирачкиот список.
Јулијана Пешевска