
ДУИ ја разгледува опцијата за предвремени избори
Повеќе од четири часа највисокиот партиски орган на ДУИ централното претседателство, ја разгледува опцијата за предвремени парламентарни избори, која ја најавија сите политички партии, во случај да не се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, односно да не се изгласа Преспанскиот договор.
За партијата на Ахмети изборите не се паметно решение, но сите опции се отворени.
Портпаролот на ДУИ и вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи, упати порака за меѓупартиски и меѓуетничко единство алудирајќи на гласањето во Македонското собрание за договорот со Грција, во спротивно како што посочи, државата ќе влезе во уште поголема криза.
За разлика од ДУИ, останатите политички партии од албанскиот политички блок имаат јасен изграден став. Оттаму отворено кажаа дека се подготвени и за вонредни парламентарни избори ако не помине договорот со Грција.
Крилото на Беса на Африм Гаши, преку сооштение информираше дека се подготвени за избори кога и да се одржат, но ситуацијата е премногу сериозна, и бара од сите политички актери решението да го најдат во Собранието. Сличен став има и крилото на БЕСА на Биљал Касами.
Од Алијансата за Албанците за Телма изјавија дека најважно е да помине договорот во Собранието. Но, независно од исходот, тие остануваат на ставот дека треба да има вонредни избори, затоа што, како што рекоа, владата на Заев нема кредибилитет да ја води државата.
За одлуките од вечерашното заседавање, од ДУИ истакнаа дека ќе пратат партиско соопштение. Но, од партијата посочија дека централното претседателство ќа заседава и во наредните неколку денови, се додека не се донесат конечни одлуки околу новонастанатата политичка состојба.
Зоран Димовски