
Инспекторите не казнуваат никого за инцидентот во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“
За сега никој нема да понесе одговорност за фрлањето низ прозорец на ученичка во основното училиште Ѓорѓија Пулевски во Аеродром. Така одлучи Државниот просветен инспекторат, по инспекцискиот надзор во училиштето.
Инспекторите беа на терен веднаш по пријавата на родителот на 14 годишното девојче кое се повреди играјќи игра со соучениците, на одморот помеѓу часовите.
За евентуална казна за некој од вработените во училиштето ќе одлучува директорот, а инспекторите испратија само опомена.
Сугерираат до директорот да одреди и соодветни педагошки мерки за учениците кои учествувале во играта на одморот помеѓу наставата.
„Стручната служба во рамките на нивните надлежности да изготват план со активности и работа со ученици, во однос на спречување на девијантно однесување, почитување на куќен ред и кодекс на однесување. Стручната служба да реализира и советување на родителите и учениците пропишано согласно закон за основно образование.“
Деновиве јавноста ја вознемирија видеоснимки на кои се гледа како учениците во училиштето доброволно играат игра при која скокаат од прозорец. Во петокот таа заврши и со повреди кај едно од децата.
Во случајот не станува збор за ученичко насилство, туку за игра која учениците ја играле повеќе денови.
Законот за основно образование предвидува пропишани мерки за безбедност на учениците во училишната зграда и двор за време на часовите.
Анализите на директорот и службите на училиштето ќе дадат одговор на тоа дали некој од дежурните наставници забележал дека децата играат игра која лесно може да има и последици и зошто никој не ја спречил случката во петокот.
Петар Догов