
Османи: Ќе ги искористиме сите можности да ја имплементираме одлуката на граѓаните во Парламентот
Имаме обврска да ги искористиме сите можности да го имплементираме Договорот со Грција во Собранието. Имавме исклучително важен референдумски процес во државата, во која над 600 илјади граѓани изразија јасна политичка волја за имплементација на договорот од Преспа, и придвижување на земјата напред во интегративните процеси, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Тирана со австриската министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл.
Османи кој е главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ, на средбата со Кнајсл, потенцирал дека Македонија ќе остане посветена на европската агенда, со продлабочување на реформски моментум, но и одлучно ќе продолжи со имплементацијата на европските правила, стандарди и вредности, со што ќе придонесе во изградбата на посилна, постабилна и поцврста Европа.
Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочуваше земјата во однос на одржаниот референдум, при што изрази задоволство од високата поддршка на граѓаните на договорот од Преспа и членството во ЕУ и НАТО.
Вицепремиетот Османи, заедно со својот заменик и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, денеска престојуваат во работна посета на Тирана, во рамките на која, заедно со министрите и вицепремиерите за европска интеграција на земјите од регионот учествуваат на третата Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR).