
Иванов: Со Законот за јазици се воведува скап паралелизам
Претседателот Ѓорѓе Иванов нема да го потпише Указот за Законот за употреба на јазиците, бидејќи го смета за неуставен.
Оценува дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт, што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.
„Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик“, рече Иванов во своето обраќање до граѓаните.
Собранието го изгласа Законот на 11 јануари, без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Иванов имаше законски рок до утре на полноќ да го потпише Указот или да го врати Законот во Собранието, со свои забелешки.
Иванов рече дека правното образложение е веќе испратено до пратениците.
Во обраќањето, ги повикува пратениците на Собранието внимателно да ги разгледаат моите забелешки.
„Очекувам од нив одговорно и совесно да постапат, затоа што само така ќе дојдеме до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби“, рече Иванов.
Претседателот Иванов критикуваше дека Законот е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата.
„Со овој закон, Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани. Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство“, рече Иванов.