(видео) Заев: Се соочуваме со многу сериозен процес, ќе се обидеме да добиеме мнозинство во парламентот

Се соочуваме со многу сериозен процес. Ќе се обидеме да обезбедиме двотретинско мнозинство во парламентот. Ова го рече македонскиот премиер и лидер на владејачката партија Зоран Заев по состанокот на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Заев одби да одговори на прашањето дали имало комуникација со опозицијата, но истакна дека ако не се постигне договор за усвојување од страна на парламентот на уставните измени, тогаш ќе има избори.

Извршниот одбор на СДСМ синоќа одржа седница на која се разговараше за повеќе актуелни теми, за референдумот одржан на 30 септември, како и за процесите што ја водат Македонија кон членство во ЕУ и НАТО.

Огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа „ЗА“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ со зачуван македонски идентитет.

Членовите на Извршниот одбор едногласно заклучија дека сега, кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието на Република Македонија треба да го следат гласот на мнозинството од над 600 илјади граѓани, да преземат одговорност и да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ.

Доколку тоа не е возможно и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјава во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината, заклучи Извршниот одбор на СДСМ.

Извршниот одбор оцени дека треба да се искористат сите демократски можности, да им се овозможи на пратениците да го следат гласот на граѓаните и да обезбедат членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

Извршниот одбор ги овласти претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.

Никој не треба да се надева на амнестија. Станува збор за многу важно прашање, за иднината на земјата, за иднината на граѓаните и фокусот на сите парламентарни партии треба да биде на ова прашање. Се друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина.

На седницата беше заклучено дека референдумот помина во мирна, фер и демократска атмосфера.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ