Зачестени случаи на ученичко насилство

Мал одмор во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“. Раздвижени основци ја користат паузата помеѓу часовите, но без да ја играат опасната „игра“ која ја играле веќе неколку денови.

Пред само пет дена, во една од училниците се одвивала драма. Децата играле „игра“ во која девојче било фрлено низ прозорец, по што имала и повреди.

Побаравме одговор од службите на училиштето, што се случувало таму во петокот и зошто не е спречена немилата случка. Добивме објаснување дека обезбедувањето во „Ѓорѓија Пулевски“ е ангажирано, но само за да спречи било каква опасност за безбедноста на учениците која доаѓа однадвор, се оправда директорот на училиштето Александар Филипчев.

Законски, тој е должен да обезбеди сигурност за време на наставниот процес, а училиштето да има пропишани мерки за безбедност во зградата и дворот.

Во училишните ходници постојано има и дежурни професори кои внимаваат на редот и мирот во зградата.

Инцидентот се случил во петокот, а истиот ден од училиштето испратиле записник до МВР во кој е опишана случката, посочи Филипчев. Тој сепак се сокри од камерите и избегна да даде изјава за новинари, заради тоа што веќе дал свој коментар за една телевизија.

Но, опасната игра која неколку денови ја играле децата се одвивала внатре, во единствената училница чиишто прозорци немаат решетки.

Според психолозите – недоволно внимание посветено на најмалите во домот и потфрлање во родителската грижа е причината за зачестените случаи на ученичко насилство и недолично однесување во училиштата.

Инцидентот наиде само на осуда од Министерството за образование, од каде посочија дека нивни инспектори веќе ги имаат снимките на кои се гледа како децата ја играат опасната игра.

Според Законот за основно образование, веќе шест години наместо учениците на задолжително советување одат родителите на децата кои имаат слаби оценки и ниско поведение.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ