Во Грција препукувања, во Македонија молк по објавените стенограми

Објавените стенограми од две овогодишни лидерски средби посветени на спорот со името во германски и во грчки медиуми, предизвикаа препукувања меѓу власта и опозицијата во Грција и молк во Македонија.

Од кабинетот на претседателот нема никаква реакција. Министерството за надворешни работи вели дека не располага со тие стенограми, а Владата нема никакви информации.

            Во Грција, Владата побара објаснување од опозициската Нова Демократија зошто ја чувала во тајност средбата на специјалната претставничка на Мицотакис, Мариа Спираки со Заев? Каква била целта на средбата пред официјалниот циклус на преговори? Тоа, велат, „покажува хипокризија и национална неодговорност на лидерот на опозицијата“. По објаснувањето дека средбата Спираки-Заев била случајна, додека одела на кафе, Нова Демократија ги обвини Ципрас и Каменос дека во првата фаза од тајните преговори се согласила со неприфатливото име Илинденска Македонија и дека опозицијата никогаш нема да прифати договор како Преспанскиот.

Според објавените стенограми од лидерската средба одржана на 19 мај во Клубот на пратеници, се разговара за Република Илинденска Македонија како решение и за разговорите со Грција во Сунио. Министерот Никола Димитров објаснил дека, со тешки преговори, грчката влада направила значајна отстапка со признавање на македонскиот јазик и на државјанството како македонско цртичка граѓани на Илинденска Македонија, а се нашло решение и за кратенките МК и МКД. Премиерот Заев, според белешките, информирал за разговорот со Ципрас во Софија. Споменува дека постои вмешаност на источни земји, но и дека Спираки му пренела поздрав од Мицотакис. Лидерот на опозицијата, Мицкоски, рекол дека ВМРО ДПМНЕ нема никаква слика за процесот на преговорите, а претседателот Иванов прашал зошто Владата го крие договорот.

Претходно, Катимерини објави детали и од лидерската средба одржана на истата локација на 27 јануари. Заев посочил дека е потребно решение, но не по секоја цена. Иванов смета Ципрас е попозитивен од Папандреу.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ