
Над 1.000 членови на КСС протестираа пред Владата
Пристоен живот и работа, К-15 во јавниот, а не само за приватниот сектор, покачување на сите плати без дискриминација. Ова се само дел од барањата на Конфедерацијата на слободни синдикати чии членови денеска блокираа улици низ Скопје барајќи социјален дијалог со Владата.
Протестот започна пред Порта Македонија, а продолжи пред Владата. Околу 1.000 синдикалци излегоа на улица барајќи повисоки плати.
„Се надеваме дека Владата ќе ни излезе во пресрет, се работи за сите просветни работници и нашите барања се минимални“, вели просветен работник.
„Излегов за подостоинствен живот за повисоки плати, барем да го издржиме месецот“, вели просветен работник.
Претставници на КСС вчера имале средба со потпретседателката на Владата, екеринска и министрите Царовска, Дескоска и Манчевски на која ги образложиле нивните барања.
„Усогласување на платите во јавниот сектор согласоно покачување на мининалната плата, покачување на платите без дискриминација, отворање на општиот колективен договор со посебен акцент на К-15. Конкретни ветувања не добивме, беше побарано од нас трпеливост за да се направат некои пресметки во Владата. Средбата беше конструктивна“, вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Најбројни на протестот беа претставниците на СОНК кои претходно се заканија дека може да дојде до одложување на стартот на второто полугодие.
„Убедени сме дека од страна на Владата ќе бидат отворени за соработка. И од министерката добивме ветување дека од понеделник ќе седнеме и ќе зборуваме за сите проблеми во образованието. За да не започне второто полугодие ќе треба орган да одлули, но во овој момент нема потреба од тоа“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
На средбата биле информирани дека во Буџетот за 2018 предвидено е покачувања на платите во образованието, а можно е и покачувања на платите согласно колективниот договор и буџетските можности.
Александар Манасиев